15 дена затвор за Алексеј Навални, предводникот на антивладините протести во Русија

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални доби затворска казна од 15 дена за пружање отпор на полициските наредби за време на вчерашните масовни протести против власта.

Навални е еден од стотиците луѓе кои беа притворени низ земјата за поврзаност со маршевите. Претходно судот во Москва парично го казни со 20 илјади рубљи (350 долари) за организирање забранети протести.

Руските власти денеска ја обвинија опозицијата за охрабрување нелегални активности и предизвикување насилство. Портпаролот на претседателот изјавил дека некои од луѓето биле платени да протестираат, пренесува ББЦ.

Наводна корупција во државниот врв беше една од главните причини за протестите во текот на вчерашниот ден, кои собраа илјадници луѓе низ целата земја. Освен во Москва се протестираше и во Сент Петерсбург, Владивосток, Новосибирск, Томск и неколку други градови.

Навални се појави пред судот откако ноќта ја помина во притвор.

„Ниту сослушаа сведоци, ниту прифатија некое наше барање. Дури и најмало чувство за правда е целосно отсутно овде“, изјавил тој.

Претходно, 40-годишниот предводник на руската опозиција испрати твит од судот:

„Поздрав на сите од Судот Цверској. Ќе дојде време кога ќе ги видиме нив на судење (само чесно)“, напиша Навални кој уште еднаш потврди дека планира да се кандидира за претседател на Русија против Владимир Путин на изборите во 2018 година.