11-годишно девојче од Англија ќе дебитира со своја опера

Алма Дојчер е композиторка, виртуоз на пијано и виолинистка која ја напиша својата прва соната пред пет години и чија прва опера ќе ја има светската премиера следниот месец, иако таа има само 11 години.

Нејзиното споредување со Моцарт, кој ја напиша својата прва симфонија на осум години, го доведува во прашање нејзиното детство, но за Алма нејзиниот талент не претставува пречка да се забавува во слободно време.

„Мислам дека за мене е поинтересно да бидам Алма, наместо Моцарт“, вели таа.

„Да се биде посебен е нормално бидејќи не знам ништо друго“, додава.

Кога не е во допир со музиката, ова „чудо од дете“ кое живее во Доркинг, Англија, е зафатено со искачување на дрвја, среќавајќи се со друштвото во парк, со пливање, како и многу други активности во кои 11-годишник би уживал.

Но, кога е фокусирана на нејзината страст, таа се исклучува од секојдневието.

За време на неодамнешната проба за „Пепелашка“, Алма даваше инструкции и пееше сопран, префрлајќи се од пијано на виолина, и обратно, додека имаше поддршка од солисти. Иако тоа можеби звучи напорно, малото девојче во црвени хулахопки и фустан со цветови беше доста посветено и уживаше во шоуто. Нејзината енергија не исчезнува на сцена, таа дури и не може да седи мирна додека свири.

Алма вели дека е премногу возбудена, очекувајќи да дојде 29 декември, за кога е закажана премиерата на нејзината прва опера во раскошниот театар на палатата Баумгартен во Виена.

Зубин Мехта, Сајмон Ритл, Даниел Баренбоим и Ана-Софи Мутер се само дел од великаните на класичната музика кои се зачудени од нејзиниот талент, опишивајќи го како „апсолутно извонреден“.

Нејзиниот татко, Гај Дојчер, се сеќава на неа како пее уште пред да почне да зборува. Тој го опишува родителството кон Алма како предизвик со големи награди.

„Се будете наутро и вашата ќерка доаѓа и вели – ја имам најдобрата мелодија, ве молам дојдете и слушнете ја … тоа е неверојатно чувство. ”

Алма се сеќава на првиот пат кога се заљубила во музиката кога имала две години. „Тоа беше приспивна песна од Штраус“, вели таа.

„Откако заврши, ги прашав моите родители, како може музиката да биде толку убава? Тогаш почнав да имам свои идеи. Јас само ќе седнев на пијано. Не ги запишував моите идеи, јас само ги имав во мојата глава и ги свирев. Имав 4 години. ”

„Музиката доаѓа без престан“, вели Алма.