Репортери без граници: Македонија падна на 123 место во слободата на медиуми

Македонија повторно падна за уште седум позиции во најновиот индекс за слобода на медиумите кој секоја година го објавува организацијата „Репортери без граници“.

Репортери без граници: Македонија падна на 123 место во слободата на медиуми

Во последните години земјава направи огромен пад во слободата на медиуми за над 80 места подолу и откако минатата година беше на 116 место, годинава повторно падна на 123 позиција. За споредба, во 2009 година земјава на истата листа беше на 34 место.

Од регионот, Македонија, Црна Гора и Турција на мапата се обоени во црвено, односно спаѓаат во категоријата земји во кои слободата на медиумите е во тешка состојба. Сепак Македонија е најлошо рангирана од целиот регион и според слободата на медиуми е во друштво со Авганистан, Конго, Мали, Непал, Алжир, Колумбија, Јужен Судан, Таџикистан…

Во категоријата земји каде слободата на медиумите е со забележливи проблеми се Србија која е на 54. позиција, односно 69. места пред нас, потоа Косово на 80. место, Албанија на 85. место. Овие земји имаат напредок, додека пад е забележан кај Грција и Бугарија кои се наоѓаат на 99. и 100. место.

Во делот за Македонија стои дека иако земјата спроведува реформи за патот кон Европската унија, сепак „ѕидот на демократија во изминатите години не може да ги сокрие бројните прекршувања на слободата на инфомации“.

Репортери без граници: Македонија падна на 123 место во слободата на медиуми

Репортери без граници го споменува судскиот случај со новинарот Томислав Кежаровски кој беше држен во притвор неколку месеци за потоа да добие домашен притвор.

„Но, следниот ден откако се случи тоа, „друг македонски новинар, Зоран Божиновски, беше уапсен во Србија по потерница од Интерпол за шпионажа. Познат како „македонскиот Џулијан Асанж“, Божиновски е автор на голем дел истражувачки стории за Сашо Мијалков, директорот на македонското разузнавање и роднина на премиерот Никола Груевски“, пишува во извештајот на Репортери без граници.

Пад на листата бележат и САД поради гонењето на Едвард Сноуден и судскиот процес против Бредли Менинг и сега САД се на 46-тото место.

Финска, Холандија, Норвешка, Луксембург, Андора ги држат првите пет позиции. Обединетото Кралство е на 33-та позиција, Словенија е 34-та , додека БиХ се најде на 66 место.