[Став] Зошто „Д фестивал“ значи многу за сите нас?

Во бавниот и опуштен, медитерански Дојран, меѓу стотина стари, раскошни дрвја во паркот на езерскиот брег, во четвртокот се појавија првите кампери. Со себе носат тешки ранци и шатори, но, што е многу поважно, ја носат и силната младешка енергија и искрена желба за дојранската авантура.

„Д Фестивал“ – четири дена во сенките на столетната шумичка и на плажите на малото, но на свој начин шармантно езеро, се одвива фестивал! Извичникот сам се кликна на тастатурава, не толку поради тоа што во Дојран се случува првокласно летно музичко освежување, колку што тоа е одраз на личната возбуда – кампот е на вистинско и убаво место, атмосферата е одлична, а јас првпат по долго време да ја чувствувам вистинската фестивалска магија.

Поминати се 13 години од моето прво фестивалско кампување, на онаа преубава плажа во Љубаништа и „алармот“ кој требаше да ѕвони секоја година, како згодна метафора за нашата музичка сцена, за многумина и денеска прилично заспана. Алармот не испадна редовен и доволно гласен, но поентата и не ми е да правам споредби. Сакам само да се обидам да објаснам зошто културата на летните фестивали, за која во Македонија има една чудна предрасуда дека кај нас „не вирее“, е многу важна.

За илјадници, милиони тинејџери низ целиот свет, летните музички фестивали и кампувања претставуваат прво место на кое можат вистински да ја вкусат слободата – онаа вистинска, најискрена, изворна. Без да му се израдуваат на тој божествен вкус, од кој во нивните секојдневни животи, за жал, најчесто се лишени, од младите луѓе во нашава земја едноставно – очекуваме премногу. Тие ја живеат младоста во едно мрачно време, во кое меѓу сиромаштијата, безизлезот, сеприсутниот шунд и распаднатите вредности, треба да учат каков е патот кон иднината, каде е напредокот, каде е излезот.

Како во некој безмилосен вител, турбо-културата што ја изнедри вечната македонска транзиција секојдневно и упорно ги вовлекува младите во своите длабочини. На еден денешен тинејџер, досегашниот живот му е изграден во амбиент на општо гниење на основните стандарди во секоја пора на општеството. Малку се среќните деца кои имале можност барем да видат како се живее нормален, неоптоварен, слободен младешки живот. Сите останати, додека бараат начин како да одат што подалеку од земјава, жедно чекаат макар мала шанса за излез од зачмаеноста и очајот. А, има ли подобро средство од квалитетната музика, за да им се даде оваа шанса? Може ли нешто подобро од добрата музика да го вклучи импулсот на животот, „на курбла“ да го запали нашиот инстинкт за подобро и почовечко?

А ние, постарите, што сме израснале по фестивали, сме посебно среќни. Имам 35 години и со радост гледам како оваа распашана сурија млади деновиве страсно ги вдишува првите здивови на слободата, на дојранскиот „Д фестивал“. Гледам мои врсници кои велат дека дошле овде повеќе поради кампот, отколку поради програмата. Никој не ги спомнува ситните организациски пропусти, логистичките пречки и цените на пијачките, кои за вкусот на многумина се малку превисоки.

Децата од 20 години и помалку (ги имам сите предуслови да ги наречам деца), никогаш немале шанса за вакво дружење. Таа атмосфера во фестивалски камп, толку волшебна и единствена, заслужуваат да ја одживеат овие млади луѓе – ете зошто е важно оваа форма на прослава на музиката и слободниот дух да стане наша редовна летна активност .

Жарко Настоски

фото: Стефанија Тенекеџиева