Повеќе студенти во 2014/2015 во однос на претходната академска година

Во академската 2014/2015 година се запишале вкупно 59.359 студенти во Македонија или за 2.8 проценти повеќе во однос на претходната 2013/2014 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Според податоците на ДЗС, бројот на запишани студенти – жени е 32.175 или 54.2 отсто. Најголем број студенти или 87.3 проценти се запишани на државните високообразовни установи, додека 12.2 проценти се запишани на приватните високообразовни установи.

Во прва година на студии, во академската 2014/2015 година, се запишале 18.942 студенти или 31.9 отсто, број кој ги опфаќа и студентите што по втор, трет и повеќе пати запишуваат прва година.